Убава ноќ во Скопје, убава фудбалска ноќ во која Македонија за првпат во својата историја успеа да победи во првата средба од еден квалификациски циклус за ЕП. Убави стартни три бода. Противникот ни до колена, барем така беше во првиот дел. Некој ќе каже „Циркуз Летонија“, но којзнае, можеби ние бевме многу силни. Инаку ова беше вкупно петти меч против летонскиот фудбал во Скопје и петта победа со гол  разлика од 15:2. Машала…

Момците во црвено играа за Пандев, победија за Пандев. Му ја честитаа „стотката“ на  најдобар можен начин. Посебно Елмас. А Горан со голема желба да даде гол, но поважно му беше неговата Македонија да победи. И така и беше. Македонија победи, сега е прва во групата, барем по првото коло. Сега е време за насмевки, но време е и за анализа зошто не беше голеада во првиот дел. Силни шанси не успеавме да реализираме, на крајот и стравувавме, но потоа се си дојде на своето место.

Штета што и покрај апелите, и покрај „стотката“ на Пандев, добрата серија, нашиот квалитет, на трибините на „Филип Втори“ немаше повеќе гледачи. Е тоа Пандев, тоа овие момци предводени од селекторот Игор Ангеловски навистина не го заслужуваат. И кога е време за радост и насмевки секако дека нема место тука за зборовите – СРАМ ДА ВИ Е, но ете срам да им е на сите оние кои се „палат“ на фудбал а бегаат од Арената како да е нешто проклето.

Останува уште инаетот да проработи кај нашите „рисови“ за уште подобри игри, за уште подобри резултати. Па кој сака нека повели да гледа, кој не сака и не мора.

ГОЛОВИТЕ И ПОИНТЕРЕСНИТЕ МОМЕНТИ ОД МЕЧОТ МОЖЕТЕ ДА ГИ НАЈДЕТЕ ОВДЕ