Италија со победа ги стартуваше квалификациите за ЕП 2020 година откако вечерва во Удине беше совладана Финска со 2:0. Роберто Манчини тргна со подмладен тим (од староседелците само Бонучи, Киелини, Имобиле и Верати), а меѓу нив и дебитантот Кристијан Пичини, а и надежните Николо Барела и Мојс Кин кои беа стрелци на головите.

Фудбалерот на Каљари во 7. минута испрати торпедо во мрежата на Финците и во петтиот меч за националниот тим го реализира првиот погодок. А Мојс Кин е првиот играч роден по 2000 година кој стартувал на меч за Италија. Тој ја оправда довербата на Манчини со гол во 74. минута на асистенција на Имобиле.  Во 80. минута заигра и ветеранот Фабио Кваљарела, како и новото чудо од дете на Рома Никола Заниоло.

Оваа победа значи дека Италијанците се непоразени во европски квалификации веќе 13 години, остварувајќи 25 победи, шест ремија со гол разлика од 57:14.

Финците го продолжуваат лошиот скор со Италијанците. Сега на 14 натпревари имаат дури 12 порази (една победа во 1912 година и едно реми во 1975).

Наредниот меч на „Аѕурите“ во квалификациите е против Лихтенштајн на домашен терен во вторник.

РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА Ј

БИХ – ЕРМЕНИЈА             2:1
Круниќ 33’, Милошевиќ 80’ – Мхитарјан 90’+3’ (п)

ИТАЛИЈА – ФИНСКА       2:0
Барела 7’, Кин 74’

ЛИХТЕНШТАЈН – ГРЦИЈА             0:2
Фортунис 45’, Донис 80’

ГРУПА Ф

ШПАНИЈА – НОРВЕШКА               2:1
Родриго 16’, Рамос 71’(п) – Кинг 65’(п)