Вардар, во едно од своите најдобрите изданија сезонава во Лигата на шампионите триумфираше над ППД Загреб 18:27 (6:14) во првиот осминафинален натпревар во Арена Загреб.

Комплетно доминантен како во дефанзивната, така и во офанзивната линија, буквално го остави Бранко Тамше и „плинарите“ без решение во натпреварот, кој требаше да биде големо регионално дерби и „меч на неделата“ во првиот осминафинален викенд.

Надмоќно делуваше Вардар, особено во првите триесет минути во кои го „прегази“ Загреб, кој изгледаше како да не знае „каде тера“.

Карачиќ и Кристопанс со по пет гола и Милосављев со 14 одбрани беа главните предводници.

Даинис Кристопанс ги предводеше вардарци на стартот и постигна три гола во низа за 0-3, држеа темпо, 1-4 и дозволија Загреб да даде само еден гол за 12. минути. Дејан Милосављев исто така беше во елемент, се надоврзаа Дисингер, Карачиќ и Мораес, па македонскиот првак си „грмеше“ во Арена Загреб. Играа висока одбрана, беа немилосрдни во нападот и буквално балканското дерби делуваше како еднонасочна улица. Највисоката предност по првиот дел беше онаа со која и заминаа вардарци на полувремето откако Мораес украде топка и прецизно стрелаше во празниот гол на Загреб (6:14).

Ниту во продолжението не понудија нешто посебно „плинарите“. Се мачеа, делуваа далеку од нивото потребно за да му парираат на Вардар. Највисоки +9 (6:15) на почетокот на второто полувреме. Имаа индивидуални блесоци Хрватите, но тоа не беше доволно за да се запрат „црвено-црните“, кои крадеа топки, „летаа“ во контра, беа безмилосни во нападот и агресивни и непробојни во одбраната.

Во најавата за натпреварот ППД Загреб велеше дека знае како да игра против фаворити, но иако ја имаше полната Арена Загреб и поддршката од трибините, изгледа заборави дека Вардар на теренот најдобро го оправдува епитетот кој гордо го носи.

До двоцифрена предност, 15:25 , вардарци дојдоа во пресрет на последните десет минути од мечот. Дополнително во прилог им одеше и нервозата и немоќта на „плинарите“, како и црвениот картон на Векиќ, а Поповски дополнително ги дотепа, 15:26.

Ништо не му остана на Загреб до крајот, освен да ја намали разликата и да се надева на чудо во реваншот во Скопје закажан за 30 март во СЦ „Јане Сандански“.