Утревечер на „Стожице“ во Љубљана, ќе гледаме и селекторски дуел. И тоа меѓу Матјаж Кек и Игор Ангеловски. Нов, втор дуел по цели 20 години. На 2 мај 1999 година, на мечот од Првата словенечка лига, се сретнаа екипите на Цеље и Марибор, резултатот беше 0:0. За домашните како играч за врска настапи Игор Ангеловски, кај гостите пак како дефанзивец играше Матјаж Кек. Според нашите информации имало неколку меѓусебни конфронтирања на теренот меѓу Кек и Мрме. Тогаш завршило без победник, којзнае можеби оставиле за утревечер да решат кој е подобриот. И уште малку историја, на тој меч на клупата на Публикум седел Никола Илиевски – Џиџи.

Познато е после што се случуваше со кариерите на Кек и Мрме. На Словенецот ова му е втор мандат како селектор, во 2010 година ја однесе својата земја на СП во Ј. Африка. Македонецот пак преку Лигата на Нации е многу блиску да ја однесе својата земја на ЕП 2020, има шанси и преку овие квалификации. Кај Кек е искуството (57 години), кај Мрме (42 години) е фанатичната желба за успех.

Ние навиваме за Ангеловски, на мечот во Љубљана да дојде до својата 14 победа како селектор на Македонија.