Големото регионално дерби меѓу ППД Загреб и Вардар во осминафиналето од Лигата на шампионите не залудно го доби и епитетот „меч на неделата“ во првиот викенд од елиминациите.

Средбата меѓу „плинарите“ и „црвено-црните“ вечерва, 20:30 часот, во Арена Загреб, не само што го нуди најдоброто од регионот, туку тоа е дуел на два од најсилните дефанзивни линии во најсилното европско клупско натпреварување сезонава. Загреб во досегашните 14 натпревари има примено само 388 гола, додека Вардар два повеќе (390).

Откако две сезони во низа овие екипи се среќаваа во групната фаза од елитата, сега меѓусебно ќе се елиминираат на патот кон четвртфиналето. На последните четири натпревари во ЛШ, вардарци имаат три победи и само еден пораз. Целокупната европска статистика, пак, вели дека двата тима се соочиле десет пати, од кои ППД Загреб славел на пет натпевари, Вардар има четири победи, додека еден меч завршил со реми.

Интересно е што капитенот на Загреб, Златко Хорват ќе го игра десеттиот меч против Вардар, а тој е и играчот, кој му дал најмногу голови на македонскиот првак, 22, во досегашните соочувања. Во вардаровите редови, пак, Хрватот Иван Чупиќ е оној кој има постигнато најмногу голови против „своите“, 17.

Вардар сезонава на гостински терен игра исто добро како и дома, со оглед на тоа дека единствено во Келце и Барселона доживеа порази.