Далеку е Словенија од својата форма со која успеваше да обезбеди настапи на Европско и на Светско првенство пред повеќе од десетина години. Последен пат на еден голем собир учествуваа во 2010 година, а претходно беа на СП 2002, и на ЕП 2000.

Да се вратиме на сегашноста. А таа не е нималку „розова“ за Словенците. Тие на последните седум натпревари немаат победа, и она што е за нив лошо, а за Македонија добро, секогаш примале барем по еден гол. Но, со важна напомена дека освен на оној натпревар против Израел пред неколку дена, тие го немаа Јан Облак на својот гол кој ги откажа настапите во Лигата на нации, а претходно Хандановиќ ја објави својата пензија.

Инаку Словенија последните четири меча ги одиграа со идентични 1:1 (против Израел, Бугарија, Норвешка и Кипар). Лошо минаа низ Лигата на Нации каде не победија ниту една средба.

Тоа е добро за Македонија која на последните осум натпревари, само на еден меч (против Ерменија на гости) нема погодено во противничката мрежа.

Со надеж дека традицијата ќе продолжи и утре, но не 1:1, туку триумф за Македонија.