Вардар е веќе во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Ова стана јасно по само еден одигран меч во осминафиналето, македонскиот првак на гостувањето кај ППД Загреб славеше со 18-27. Роберто Гарсија Парондо и неговите избраници одлично го „прочитаа“ противникот, на кого пак не му помогна ниту полната Арена или онаа рекордна посетеност сезонава. „Црвено-црните“ одиграа шампионски, одбраната беше перфектна, особено во првото полувреме во кое ППД Загреб постигна само шест гола.

„Бевме подготвени за полна сала. Нашата одбрана и голманот вечерва беа одлични, токму затоа противникот тешко играше во првото полувреме. По одморот ја сменивме поставата, го забрзавме темпото и само со неколку контранапади успеавме да ја „убиеме“ нивната игра, што пак беше нашата главна цел“. рече по мечот Чупиќ.

Реванш мечот е закажан за 30 март во СЦ „Јане Сандански“, билетите веќе одамна се пуштени во продажба.