Регионалното „ел класико“ ППД Загреб – Вардар, кое како „меч на неделата“ е во фокусот од првиот осминафинален викенд во Лигата на шампионите, носи голем притисок врз двата тима.

„Плинарите“ ги чекаат вардарци со полна сала, но притисокот од желбите и очекувањата на нивните фанови се обидуваат да го намалат со тоа што фаворитската улога му ја препуштаат на македонскиот првак.

Вардар, пак, веќе е навикнат да се носи со такви епитети, па свесен е дека тоа не е нешто што се зема „здраво за готово“ туку се оправдува на теренот.

„Многу се подготвувавме последниов период за Загреб, со интензивни видео-анализи, со фокус на тоа кои играчи треба да ги запреме за да си ја олесниме работата и резултатот да биде позитивен за нас. Доколку влеземе во натпреварот како што треба нема да имаме проблеми. Јасно ни е дека во оваа фаза од Лигата на шампионите нема слаб противник, а Загреб е добра екипа, со која ќе биде тешко да се игра. Ќе има малку нервоза, притисок, играме пред полна сала во Загреб, но се надевам ќе биде добро на крај за нас. Секој противник ни ја препушта улогата на фаворит нам, поради нашиот однос и нивото на кое играме, но никогаш не смееме да го потцениме противникот, да бидеме комотни поради таквиот епитет. Тоа може да биде голема грешка и да донесе спротивен ефект. Не смееме со таква мисла да влеземе во мечот. Мора да заборавиме на таквата позиција и да го почнеме натпреварот како што треба.

Многу работи ќе зависат од тоа како ќе одиграме во Загреб. Секако дека тоа што го играме реваншот дома е наша предност и се знае дека во Скопје е тешко да се игра против Вардар, но ние одиме на победа на гостински терен и да ја завршиме пола работа таму“, заклучува крилото Даниел Шишкарев.

Натпреварот меѓу ППД Загреб и Вардар е закажан за вечерва (20:30 часот) во Арена Загреб.