Од Љубљана, Словенија
Игор Д. Ивановски

Фото: Петр Стојановски

Енис Барди погоди за реми на Македонија на гостувањето на „Стожице“ во Словенија. Голем бод за нашите репрезентативци кои се враќаа од негатива на тешкото гостување каде имавме негатива по првите 45 минути кога Зајц со глава го матираше Димитриевски во 34 минута. Македонија со погодокот во 47 минута брзо се врати во резултатот, имавме и шанси да поведеме но нашата одбрана е таа која е најзаслужна за ремито 1:1.

Бевме задоволни да не загубиме и тоа го остваривме. Одиграа храбро нашите фудбалери во Љубљана каде конечните 1:1 се реален исход од она што го одиграа двете селекции во текот на целиот натпревар. Алиоски аситира, Барди го среди Облак, Езџијан Алиоски беше човекот кој ја „изора“ неговата лева страна. Му наби комплекс на противничкиот играч Стојановиќ а во 47 минута му украде топка, асистира до Барди а овој со удар од 15 метри го матира моќниот Јан Облак. Тоа беше и единствениот наш директен удар кон голот. Во првиот дел Барди и Пандев имаа супер шанси но и двајцата биеја над голот.

Елмас беше повторно добар а Горан Пандев како и секогап – лидер! Правевме „стапица“ ни избега Зајц Една голема грешка и се тресе нашата мрежа. Стефан Ристовски изведе лош аут, Велковски беше премногу напред а Иличиќ и Шпорар му сервираа на Зајц кој со глава ја тресе мрежата на Македонија. Нашиот гол многупати висеше но одбраната беше на висината од задачата. Имавме и среќа во дадени моменти.

Но сепак Словенија е наш пациент и тогаш дојдовме и заминавме а да не загубиме.

Фантастичен Егзон Бејтулаи

Можеби во првиот дел тргна несигурно, брзо заработи жолт картон но во вторите 45 минути беше перфектен во одбраната. Егзон Бејтулаи беше вистинскиот потег на Ангеловски. Го фрли во оган и не изгоре. Напротив ја спаси нашата мрежа во 55 минута кога сите ја видоа топката во мрежата, Димитриевски беше паднат но Егзон од самата гол линија спасува 2:1 за Словенија при ударот на Зајц од 5-6 метри. Стоперот на Шкендија извади уште 3-4 опасно нафрлени топки во срцето на нашиот петтерец.

Николов „радилица“, Иличиќ се нервира

Бобан Николов е фудбалерот кој најмногу претрча во тешките 90 минути во Љубљана. Нашиот деструктивец во играта го имаше насекаде во одбраната но не и во офанзивните моменти. Во одредени ситуации кога Велковски одеше напред тој ја играше и улогата на стопер. Исчисти се што можеше а најмногу го изнервира Иличиќ кој во првиот дел се обиде и физички да се пресметка со нашиот фудбалер кога и двајцата пожолтеа.

ДОБРО Е И ВАКА СО 4 БОДОВИ

Македонската фудбалска репрезентација има добар старт во квалификациите за ЕП 2020. Имаме добри 4 бодови и сме при врвот на табелата на која само Полска е максимална. По победата над Летонија и денешниот бод на гости во Словенија се чини дек нашите момци ја исполнија зацртаната мисија. Никогаш не сме имале максимален старт со шест бода во ниту еден циклус, ќе беше добро да биде тоа сега но и вака треба да сме задоволни. Сега на ред се Полска и Австрија во јуни во Скопје.

 

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1:1 (1:0)

Стрелци: Зајц 34’ – Барди 47’

Ж. Картони: Иличиќ, Јокиќ – Бејтулаи, Муслиу, Пандев, Николов

Гледачи: 9.872

Главен судија: Хавиер Естрада Фернандес од Шпанија.

СЛОВЕНИЈА: Облак, Струна, Крхин, Иличиќ, Куртиќ, Шпорар (Бериќ 71’), Зајц (Захович 90’), Јокиќ, Мевља, Стојановиќ, Вербиќ (Чрнигој 84’).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Алиоски (Ристевски 92’), Пандев (Трајковски 76’), Ристовски, Велковски, Николов, Барди, Елмас, Несторовски (Маркоски 88’).

 

СТАТИСТИКА

СЛО         МАК

3 корнери 2

14 прекршоци 17

/ офсајди 2

2 ж. Картони 4

6/4 удари/во 5/1

 

ИДНО КОЛО (7.јуни 2019): АВСТРИЈА – СЛОВЕНИЈА; МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА; ЛЕТОНИЈА – ИЗРАЕЛ