Блокотехна брзо се рехабилитираше по оној непријатен пораз од Работнички. Марјан Илиевски и неговите момци го совладаа градскиот ривал Кожув со 76-66 (20-19, 19-13, 26-23, 11-11) во рамките на 20. коло во Првата лига и ја продолжија доминацијата во пресметки. Оваа сезона имаат четири од четири, два триумфи во домашниот шампионат и два во БИБЛ-лигата.

Пен со 20 поени го предводеше својот тим, зад него беше Главчев со 14, на другата страна Вилијамс имаше 20 поени и 9 скока.

Гостите тргнаа силно, поведоа со 2-7, доминираа во поголем дел од првата четвртина, но на крајот истата им припадна на кошаркарите на Блокотехна, имаа минимални 20-19. Резултатската неизвеност продолжи и во следниот период, тимот на Александар Јончевски го врати водството, но одново пред крајот на првото полувреме падна, на одморот се замина со 39-32.

По поени на Кесар за 47-45, Блокотехна со серија од 7-0 зголеми на 54-45, а кон крајот дојде на двоцифрени 59-47. Гостите се обидуваа да го „свртат“ резултатот, но немаа доволно сили.

Со 15-та победа сезонава Блокотехна остана во трка за врвот на табелата, додека пак Кожув до крај ќе се бори за шестото место кое води во Супер-лигата.