Мајкл Кин е 20-тиот различен фудбалер кој дава гол за Англија под водство на Герет Саутгејт

Рос Баркли запиша асистенција и два гола, а Стерлинг две асистенции и гол

Црна Гора доживеа убедлив пораз од Англија од 1:5 во Подгорица во меч од групата А во квалификациите за ЕП 2020. Храбрите „соколи“ тргнаа агресивно на стартот и поведоа во 18. минута со голот на Марко Вешовиќ, но го држеа водството до 30. минута, а потоа им се случи потоп. Рос Баркли беше нерешлива енигма за играчите на Црна Гора. Фудбалерот на Челси со асистенција му овозможи на Мајкл Кин да го запише првиот гол за Гордиот Албион, а девет минути подоцна самиот се запиша во листата на стрелци. Но тоа не беше се од него, во 59. минута уште еднаш ја начна мрежата на Петковиќ, откако претходно акцијата ја одработи Стерлинг.

А во 71. минута Стерлинг повторно имаше свое шоу, но овојпат Хари Кејн „пука“ во мрежата на Црногорците за 4:1 во Подгорица. А фудбалерот на Манчестер Сити освен двете асистенции го заокружи мечот со гол во 81 минута за конечни 1:5.

Англија има максимални шест бода по две кола и гол разлика 10:1, Црна Гора има еден бод освоен против Бугарија. А Бугарија вечерва одигра 1:1 на гостувањето кај Косово.