Чинеше близу 1 милијарда фунти. Стигна шест месеци подоцна. Но и покрај се, домот си е дом!

Тотенхем и официјално се врати на местото на најголемите клупски успеси. Овој пат на нов, модерен стадион, за кој многумина прокоментираа дека е најдобриот во Британија во моментов. Маурицио Почетино и 30.000 навивачи се појавија на новиот храм на Спарс, на местото на кое некогаш се извиваше прочуениот „Вајт Харт Лејн“.

„Ова е неверојатно”, изјави Почетино за првиот впечаток од новиот стадион на Тотенхем. „Го имам она исто чувство како последниот ден на Вајт Харт Лејн, кога сите плачевме. Првиот ден тука ја носи истата емоција. Нашиот сон се оствари”.

Почетино му се заблагодари на Даниел Леви и на одборот на Тотенхем за нивната визија. Тој им се заблагодари на навивачите за нивното трпение. Менаџерот на лондончани вели деке сигурен дека Тотенхем направи вистински потег со изградбата на новиот дом.

„Ова е еден од најдобрите стадиони во светот и се надевам, и посакувам, иднината на овој клуб да биде фантастична”, додаде тој.

“Ние сме на многу добро место во Премиер лигата и имаме голем предизвик во Лигата на шампионите. Со 62.000 навивачи тука зад нас, ќе биде фантастично да играме на секој домашен меч. Ние сонуваме и соновите можат да станат реалност“, заврши менаџерот на лондонскиот тим.