ППД Загреб беше „распарчен“ како ретко кога на домашен терен од страна на македонскиот првак во рамките на првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите. Хрватскиот тим во ниту еден момент не беше рамноправен противник, Вардар добро знаеше што сака, дојде и си замина со целиот плен.

Момците на Роберто Гарсија Парондо поставија непробоен ѕид во одбраната, на чело со Дејан Милосављев, кој заедно со летонскиот џин, Данис Кристопанс изгледаа страшно на теренот во „Арена Загреб“.

Српскиот голман имаше 14 интервенции, која од која поубава, па не случајно се најде во „Дрим тимот“ по првите средби во битката за пласман во четвртифиналето, додека Летонецот ја „кинеше“ противничката мрежа, неговите проектили беа тешки за да се уловат.

Реванш мечот се игра во сабота, ППД Загреб е во невозможна мисија, има негатива од 27-18 и најважно од се игра во „вулканот“ Јане Сандански.

Во анализата на првите мечеви ЕХФ имаше една интересна забелешка, ние би рекле совет до хрватскиот тим, како да дојдат до победа во Скопје.

„Загреб е близу до невозможна мисија на реваншот во Скопје. Доколку сакаат да имаат било какви шанси ќе мора да најдат начин како да го совладаат Дејан Милосављев“, се вели во текстот на ЕХФ.

Кога сме кај српскиот голман останува да се потсетиме на дел од неговите магични интервенции во Загреб, и секако да се надеваме на нова добра партија на мечот во сабота.