Поранешниот УФЦ шампион во две категории и најголемата ѕвезда на ММА, Конор Мек Грегор објави дека се повлекува од спортот. Утринава, потолно неочекувано Мек Грегор на својот Твитер профил напишал дека завршува со боречките вештини, како и дека на своите колеги борци им посакува среќа во иднина.

„Еј, луѓе, кратко известување. Одлучив да се повлечам од спортот формално нарешен ’мешани боречки вештини’. На сите моите колеги им посакувам се најдобро во овој спорт. Сега им се приклучувам на моите поранешни партнери кои се веќе во пензија“, напишал Мек Грегор.

Ова е потполно неочекувано и доаѓа само неколку часа по интервјуто емитувано во забавната програма „The Tonight Show“ со Џими Фалон, во кое Мек Грегор тврди дека преговара за враќање во октагонот во јули.

Ќе видиме дали е ова вистинска пензија или обид да извлече подобра преговарачка позиција. Но претседателот на УФЦ Дејна Вајт сериозно ги сфаќа неговите зборови.

„Има смисол, да сум на негово место и јас би се повлекол. Неговото виски растура на пазарот. Мек Грегор има добар бизнис. Тој можеби се повлекува од борбата, но не и од работата“, вели Вајт.

Последната борба на Мек Грегор беше онаа со Хабиб Нурмагомедов, кога доби добар ќотек од Русинот, а потоа Ирецот ја прескокна оградата и предизвика општа тепачка. Доби суспензија од шест месеци која истекува на 6. април.