МЗТ Скопје дојде до 16. триумф во домашното првенство, на гостувањето кај Пелистер очекувано славеше со 118-71 (15-33, 20-32, 23-31, 31-23) во меч од претпоследното коло во Првата лига. Со новите два бода од овој меч избраниците на Ѓорѓи Кочов ја продолжија битката за пласман на првото место во табелата пред стартот на Супер-лигата.

Вицепрвакот на стартот поведе со 2-8, а потоа со 4-18 во шестата минута, а по првите десет минути имаше водство од 15-33. „Сино-белите“ продолжија во ист ритам, на одморот заминаа со плус 30 (35-65), па до крајот имаа полесната задача, рутински да го приведат овој дуел.

Кочов им даде шанса на сите кошаркари кои во текот на целата сезона добиваат мала минутажа, сепак главниот збор го имаа носителите, меѓу нив беше Бојиќ со 28 поени и седум скока, зад него беше Младеновски со 20 поени и 9 скока. На другата страна Голубовиќ имаше 15 поени.