Утре под Шара, во рамките на 24.коло во ПМФЛ ќе се сретнат екипите на Ренова и Беласица. Ништо невобичаено, но за Спортмедиа е интересен мечот од една друга причина.  А тоа е дека ќе можеме да видиме на дело селекторски дуел и тоа меѓу Никола Илиевски – Џиџи кој е тренер на Ренова и Ѓоко Хаџиевски, кој пак седи на клупата на Беласица.

Одамна сме немале ваков случај во ПМФЛ, сме немале две екипи да бијат битка за бодови а да бидат предводени од двајца екс селектори. Да се потсетиме дека Џиџи беше предводник на нашата најдобра репрезентација од 27 март 2002 година па до 11 јуни 2003. Додека Ѓоко беше селектор од 27 март 1996 па се до 9 јуни 1999 година.

На Џиџи, кој утре е домаќин ќе му биде полесно, има одличен тим и тоа по негова заслуга, тој е единствениот кој пролетва не е поразен и не е под притисок. Ѓоко пак со Беласица мора по секоја цена да ги освои трите бодови, во спротивно уште повеќе ќе се приближи кон Втората лига.