Македонскиот првак Вардар, в сабота (19:30 часот), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе го пречека ППД Загреб во реванш мечот од осминафиналето во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ влегуваат со комотна предност од девет гола, 27:18, но исто така се свесни дека работата треба да се заврши до крај. Им остануваат уште 60 минути во Скопје, каде се знае кој го има главниот збор.

„Во реваншот со Загреб влегуваме со добар резултат од првиот меч и близу сме до четвртфиналето. Не смееме да заборавиме дека Загреб е добар тим, и разликата која ја имаме не смее да се опуштиме и да мислиме дека е готово. Мора да одиграме добро и во реваншот и да се најдеме во следната фаза“, вели тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

Вардар делуваше перфектно на првиот меч, но прашан дали ќе менува нешто или дали можеби зачувал нешто за возвратниот меч во Скопје, стратегот вели:

„Бевме одлични на првиот меч. За реваншот сакам, ако е можно, да играат сите ракометари. Да им дадам простор на сите за да добијат самодоверба во пресрет на четвртфиналето.“