Жикица Тасевски повеќе не е тренер на Работнички. Поразот од Вардар (2-0) во градското дерби значеше разделба со тимот од „Градски парк“, кој под негово водство нанижа бројни неуспеси и загуби важни бодови. Тасевски има серија од три порази по ред, а „романтичарите“ се најдоа на шестото место на табелата во ПМФЛ, позиција која е далеку од нивните амбиции.

„Поднесов неотповиклива оставка поради за мене неприфатливата ситуација во која се наоѓа мојот клуб. Работев, посветено, искрено секогаш подготвен за стручна анализа и одговорност за сопствените дела. Резултатски не бевме најдобри тоа треба да го признаеме, а кој го познава денешниот фудбалски поредок тоа секако ќе го разбере. Сакам да се заблагодарам на претседателот Драган Поповски и на директорот Иван Поповски за довербата и условите за работа кои ни беа овозможени. Им посакувам на сите во клубот многу среќа во продолжението на првенството. Ќе бидам најсреќен ако моето заминување биде пресвртница кон нови успеси достојни за клуб каков што е Работнички!“, изјави Жикица Тасевски.

Во следниот период од таборот на Работнички ќе го соопштат заменикот на Тасевски, кој ќе има доста тешка задача, да го подигне тимот и да го врати на победничките патеки.