Кошаркарите на Голден Стејт во финишот на последната четвртина го скршија ривалот Мемфис Гризлис и го победија со 118:103 и со тоа го задржаа првото место во Западната конференција. Актуелниот првак има ефект од 51-23 и натпревар повеќе од вториот Денвер (50-23) кој утре ќе игра со Хјустон.

Мемфис на почетокот на вториот период имаа предност од 10 поени (41:31), но гостите со серија на тројки го анулираа минусот и на полувреме отидоа со предност од 66:60. „Мечките“ имаа предност од 92:91 во 40. минута меѓутоа го изгубија ритамот. Вориорс беа одлични во последната четвртина и четврти пат по ред го победија Мемфис.

Стеф Кари даде 28 поени (6/21 за три), 10 скокови и 7 асистенции, а исто толку поени имаше и Кевин Дурент, со 9 скокови и 5 асистенции. Кај поразениот тим Вланчиунас постигна 27 поени, со 13 скокови, додека Мајк Конли испиша историја за клубот со 11,687 поени или 22 повеќе од довчерашниот рекордер Марк Гасол.

А во Оклахома се случи голем пресврт. Домашните Тандерс со серија од 24:0 во третата четвртина го анулираа двоцифрениот минус и го отворија патот до победата над Индијана 107:99. Расел Вестбрук заврши со 17 поени, 11 скокови и 12 асистенции што е негов 29. трипл дабл сезонава, Пол Џорџ беше најефикасен со 31 поен, а центарот од Нов Зеланд Стивен Адамс имаше дабл-дабл ефект – 25 поени и 12 скокови.

Кај гостите најдобар беше Бојан Богдановиќ со 28 поени, 2 скока и 4 асистенции, Домантас Сабонис имаше 18 поени и 10 скокови.

Оклахома е седма на Западот (44-31), а Индијана е четврта на Истокот (45-30).

Меч за паметење имаше бекот на Феникс Девин Букер. Со 22 години тој стана најмладиот играч во историјата кој успеал на два меча по ред да постигне барем 50 поени. Откако на претходниот натпревар даде 59 поени, Букер утрово постигна 50 поени, но неговиот тим беше поразен од Вашингтон.

РЕЗУЛТАТИ НА ДРУГИТЕ СРЕДБИ

Чикаго – Портланд         98:118

Феникс – Вашингтон      121:124

Јута – Л.А. Лејкерс          115:100