Попладнево на Арената „Филип Втори“, со почеток од 14:30 часот, ќе се одигра 65.соседско дерби меѓу Работнички и Вардар. Меч кој секако дека доаѓа во најнезгоден момент за „романтичарите“ кои се под огромен притисок, се чини ако денеска не го победат Вардар, тогаш тренерот Тасевски и играчите може слободно да кажат и чао Европа. Секако дека ова ќе биде битка до последен здив, битка до истребување зошто и Вардар не смее да загуби.

„Осакатениот“ Работнички…

Работнички по имиња го има повеќе од сигурно, после Шкендија, најдобриот тим во ПМФЛ. Но за да победуваш не се потребни само добри играчи. Тимот е далеку од таа потребна и посакувана форма. Уште повеќе „романтичарите“ денеска ќе бидат „осакатени“. Поради повреда нема настапат Кабрал, Блажевски, Димитровски, се знае дека одамна во тимот го нема Силјановски а Дулгеров веќе не е член на клубот од Градски парк.

Вардар убеден во триумф

Вардар пак е убеден во триумф, тренерот на овој тим Александар Васоски, за „Спортмедиа“ вели дека се освен победа за нив ќе биде неуспех. И Вардар не игра во којзнае каква форма пролетва, но не е и така лош како соседот. Васоски нема поголеми проблеми со играчкиот кадар, веројатно ќе игра офанзивно, на тој начин ќе му се спротистави на дефанзивниот Работнички кој не се очекува да ја смени својата филозофија, откако Тасевски е тренер, и на овој натпревар.

Никој не ја есапи традицијата

Кога сме кај традицијата да споменеме дека Вардар има нешто подобар скор. Во изминатите 64 меча, „црвено – црните“ победиле 27 победи, 15 пати мечевите завршиле без победник а „романтичарите“ имаат 22 победи. Гол разликата е 85:72 во корист на Вардар. Интересно е тоа што во есенскиот дел Вардар победи со 2:0 кога беше гостин, а загуби со 0:1 кога беше домаќин.