Унгарскиот првак Пик Сегед е противникот на Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Пик Сегед во реваншот со Висла Плоцк дојде до убедлива победа од 23: 16 (13:8) пред својата публика и си обезбеди место меѓу најдобрите осум во Европа.

Интересно е што четвртфиналниот двомеч ќе значи враќање на двајца вардарци од „златната генерација“, Шпанците Хорхе Македа и Жоан Кањељас, кои лани ги напуштија „црвено-црните“ редови и се преселија во Сегед.

Единствено во воведните десет минути Пик Сегед и Висла Плоцк играа изедначено (4:4), за потоа домашните да наметнат ритам и да влезат во предност (11:7) која ја одржаа до крајот на натпреварот.

Банхиди со 7/7 го предводеше Пик Сегед, додека Алиловиќ имаше 15 одбрани, а во редовите на Висла Плоцк Гебала постигна пет гола.