Денеска на стадионот „Младост“, составот на Беласица со 2:0 славеше над фаворизираниот Шкупи. Ретко кој се надеваше дека токму чаирчани ќе бидат „жртвата“ на струмичани, кои како да заборавија кога последен пат победиле. А тоа се случило на 22.11.2018 година, кога во Струмица совладана беше екипата на Ренова со 3:1. Одтогаш па до денеска минаа повеќе од четири месеци, одиграни беа девет првенствени средби на кои Беласица имаше само две ремија и седум порази со гол разлика 3:12. Сега овие три бода значат дека за Беласица не е ништо загубено. Дека може да биде битка со Силекс за тоа осмо место кое носи бараж за останување во Лигата. Сега кратовци бегаат само два бода. Значи има надеж за струмичани.