Рома се посрамоти во дербито на 29.коло во италијанската Серија А. На „Олимпико“ изгуби од Наполи со убедливи 1:4 и направи чекор назад во трката по местото број 4 кое води во Лигата на шампионите. „Волчицата“ денеска изгледаше без идеја, ранлива во одбраната и без контрола во средниот ред. Добро е што и четвртиот Милан изгуби од Сампдорија во саботата па донекаде „штетата“ (разликата во поени) остана иста.

Стратегот на Рома Клаудио Раниери немаше одговор против разлетаните фудбалери од Неапол. Арек Милик со убав погодок ја начна мрежата на Рома, а потоа Пероти од пенал го изедначи резултатот. Тоа беше се што направија домашните. Во продолжение „сините“ од југот решетаа. Мертенс во 50. минута зголеми на 2:1. Белгиецот го постигна 103 гол за Наполи и се израмни со Антонио Војак на петтото место на вечната листа на стрелци за клубот од „Сан Паоло“.

Наполи е втор со 63 бода, Рома е шеста со 47.

Веднаш по него погоди и Симоне Верди, а голот на Олсен го погоди и Амин Јунес.

Ова е највисок пораз на Рома од Наполи по оној на „Сан Паоло“ во јануари 2013 година (исто така со 4:1).

Во другите натпревари Парма – Аталанта 1:3, Фиорентина – Торино 1:1, Фрозиноне – СПАЛ 1:1. Вечерва играат Болоња-Сасуоло и Интер-Лацио.