Вардар вчера официјално се промовираше во четвртфиналист во Лигата на шампионите, шестта сезона во низа, а од утре веќе ќе мисли како да дојде до уште еден клупски и регионален рекорд. Да стане единствениот тим во СЕХА лигата кој ќе дојде до пет шампионски титули, односно „хет-трик“, со оглед на тоа дека вардарци го чуваат трофејот уште од 2017 година.

Стратегот Роберто Гарсија Парондо премиерно ќе го води Вардар на една СЕХА Ф4 завршница. Шпанецот, кој сезонава и тоа како докажува дека е вистинскиот избор за „црвено-црн“ предводник, останува скромен и сталожен и коментира дека немал време да мисли ниту на традиции, ниту на титули… за него најважен е тимот.

„Календарот е набиен. Само што обезбедивме четвртфинале во Лигата на шампионите, а сега веќе треба да мислиме на СЕХА Ф4. Искрено, немам време да мислам ниту за титулите, ниту на традицијата или, пак, рекордите. За мене најважни се играчите и тимот. Среќен сум дека Борозан и Горбок ни се вратија и дека сме сите заедно. Денеска ќе одмараме и од утре ќе се подготвуваме за Брест и она што не очекува во регионалната завршница.

Времето е многу кусо. Требаше да играме среда-сабота, но поради ЕХФ неделата се направија промени. Ова не е совршена позиција за никого, но ќе се обидеме да извлечеме максимум од себе“, вели Роберто Парондо.

Вардарци денеска имаат ден за одмор, додека утре патуваат за Брест, каде во вторник со домаќинот Мешков Брест играат во полуфиналето на финалниот турнир во осмата сезона од СЕХА-лигата.