Македонските ракометни фанови ги имаат првакот Вардар и македонските репрезентативци Кирил Лазаров (Нант) и Дејан Манасков (Веспрем) за кои ќе навиваат во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Последната рунда пред Ф4 во Келн веќе ги доби своите учесници и противници, па така додека „црвено-црните“ преку старите и добри познаници Пик Сегед ќе бараат трета година во низа пласман меѓу најдобрите четири, во иста ситуација е и Кирил Лазаров.

Нашиот капитен за противник во четвртфиналето ја има Барселона, во чии редови ги постигна најголемите успеси досега во кариерата и со која ја освои Лигата на шампионите.

И Манасков има ривал со кој ги мерел силите – Флензбург, не само во Лигата на шампионите, туку и во Бундеслигата, во која мина неколку сезони.

Последната четвртфинална двојка ја сочинуваат Келце на Талант Душебаев и ПСЖ на Раул Гонзалез, што ќе биде уште една епска битка меѓу учителот и ученикот.

Термините и сатниците за изгледот на четвртфиналето кое е закажано за втората половина на април, треба да бидат објавени до крајот на неделата.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ

ЧЕТВРТФИНАЛЕ, ДВОЈКИ

Нант – Барселона

Келце – ПСЖ

Флензбург – Веспрем

Вардар – Пик Сегед