„Спортмедиа“ во Брест, Марија Ковачева

Вардар е исправен пред нов предизвик, да дојде до нова титулата во СЕХА-лигата и да ја продолжи доминацијата, да дојде до петата титула (трета во низа) во осмата сезона во ова натпреварување.

Мотивот за пехар е голем, а особено кај оние ракометари кои од следната сезона нема да го носат „црвено-црниот“ дрес. Еден од нив е Игор Карачиќ. Хрватскиот репрезентативец седум години е дел од македонскиот тим, но дојде време за разделба.

Карачиќ следната сезона ќе игра за Келце, па неговите желби со Вардар се јасни и едноставни, со убави моменти да го напушти Скопје. Негова желба е пехар во СЕХА и секако пласман во Ф4 во Келн.

„Седум години бев во Вардар, ги минав најубавите денови, веќе неколку пати кажав дека тоа е мојот дом, ги засакав луѓето, градот. Ако даде Господ би сакал овие убави денови да ги завршиме со СЕХА-титула и пласман на Ф4 во Лигата на шампионите, па таму ќе видиме што ќе се случи“, ни изјави Игор Карачиќ.

Што се однесува до противникот во полуфиналето Мешков Брест, предупредува дека мора да бидат внимателни, не само што станува збор за домаќинот на оваа завршница, туку има голем квалитет.

„Во изминате години често пати се среќававме со Мешков Брест знаеме за каков квалитетен противник станува збор, во ниту еден момент не смееме да го потцениме особено што играме на нивни терен. Во Лигата на шампиони заврши гол разлика за нив, знаеме што не очекува добро ќе се подготвиме во она малку време што ни остана“.

Хрватскиот ракометар потенцира дека и оваа сезона амбициите се исти.

„Не е голема разлика од претходните сезони, секоја година е мотивот е ист и желба . Мислам дека карактерот на оваа екипа се изгради во последните пет шест години откако на челот е Сергеј Самсоненко. Вардар од стартот на сезоната знае што сака која е целта во СЕХА, освојување на Купот на Македонија и првенството, како и фајнл-фор за Лигата на шампиони. Никој не веруваше во Вардар оваа година, но ете на сите им покажавме дека имаме квалитет, не е дека не сме непобедливи, но во ваква борбеност и желба треба да ни донесат успех“.