Се обидоа да го копираат англискиот модел, меѓутоа безуспешно. Од идната сезона Серија А се враќа на старо, односно ќе го укине популарниот „Боксинг деј“ кој место радост донесе разочарувања, лошо расположение и инциденти.

Експериментот првпат беше претставен во сезоната 2017-18, а оваа година беше модифициран со позгуснат распоред. Се обидоа да го следат англискиот модел кој е популарен за навивачите, но „смрт“ за фудбалерите кои место да ужуваат за време на Божиќните празници тие се оптоваруваа со натпревари.

Од Лигата оценија дека таа промена не донела бенефит за никого (ниту од економска ниту од комерцијална гледна точка), туку само проблеми за клубовите па и за играчите. Само потсетија на дуелот Интер-Наполи кој резултираше со смрт на навивач, расистички песни и црвениот картон на Кулибали.

Па така Серија А се враќа на стариот модел. Нема да има натпревари за време на Божиќните и Новогодишните празници – значи пауза од 23 декември па до 4 јануари.

Идната сезона на Серија А ќе започне на 24 август, а ќе заврши на 24 мај. Во тој период освен зимски одмор ќе има и четири паузи поради квалификациите за ЕП 2020.