Сега и официјално. Благоја Милевски се враќа на позицијата, селектор на младата фудбалска репрезнетација за играчи до 21 година. Денеска во просториите на ФФМ беше претставен новиот (стар) селектор. Тој потпиша договор на 2 години.

Да потсетиме Благоја Милевски како селектор ја предводеше Македонија до 21 година на Европското првенство во Полска 2017 година.

„Се надеваме дека со Боби ќе го повториме успехот. Свесни сме дека ќе биде многу тешко меѓутоа со враќањето на Милевски се враќа и надешта кај сите нас“, изјави Зоран Стратев, техничкиот директор на сите млади селекции.

„Чест и задоволство е да се биде на кормилото на репрезентацијата до 21 година“, беа првите зборови на Милевски.

Македонија У21 ја чекаат квалификации за ЕП 2021 и е во групата со Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарските острови.

„Се наоѓаме пред голем предизвик. Имаме тешка група во која Шпанија е фаворит. Група во која ќе се надигруваме со сите ривали. Но имаме шанса, како и секогаш имаме таленти… Знам дека изборот на играчи е лимитиран, а сега се поклопуваме и со термините на сениорите“, продолжува селекторот.

„Кампот во Анталија беше селективен. Послужи да се видат квалитетите на актуелните репрезентативци. Јас сум задоволен од играта и посветеноста на играчите, а резултатите не беа во преден план“, истакна Милевски.

Сега Милевски нема да смета на Елмас, Барди и Чурлинов и ќе мора да пронајде нови носители на играта, затоа што споменатите сега се во А репрезентацијата.

„Ме радува што Елмас е со сениорите и што напредува. Ние немаме замена за него па и за Чурлинов. Мислам дека Елиф нема да игра за младата селекција, но за Чурлинов постојат шанси“, изјави Милевски.

Нашата млада репрезентација на 6 јуни ќе одигра тест-натпревар со Финска кој ќе се игра во Словачка, а се бара уште еден ривал за тој период.