„Спортмедиа“ во Брест, Марија Ковачева

Роберто Гарсија Парондо оваа сезона за првпат застана на кормилото на Вардар, како главен стратег. Иако голем број на ракометари одлучија да го напуштат македонскиот првак и оној ѕвезден состав замина во историјата, сепак шпанскиот стратег одлучи да ја прифати понудата, склопи тим, направи тактика по мерка, па македонскиот првак продолжи да „сее“ страв меѓу противниците.

Парондо вечерва има шанса да дојде до првата титула како прв стратег и да потврди дека овој Вардар има што да понуди. Ги научи момците проблемите да ги остават во соблекувална, на теренот да бидат вистински „гладијатори“.

Како и до сега, Шпанецот секогаш е директен, па не крие дека тој и неговите момци сакаат со титула да заминат од Брест.

„Добро се познаваме со ППД Загреб, оваа сезона одигравме доста мечеви. Не смееме да ги потцениме и покрај убедливата победа на гостински терен во Лигата на шампионите. Нашата цел е иста, победа во финалето за нова титула во СЕХА-лигата“, изјави Парондо.

Победата во финалето ќе биде дополнителен мотив за Вардар пред четвртфиналните пресметки во Лигата на шампионите против Пик Сегед.