Фудбалерите на Ливерпул добро се испотија но ја исполнија целта на вечерашното гостување на „Сент Мери“ против Саутемптон во рамките на 33. коло на англиската Премиер лига. Не блескаа, меѓутоа победија со 3:1.

Губеа со голот на Шејн Лонг во 9 минута, па мораа повторно да запнуваат и да прават пресврт. Изедначувањето стигна во 36. минута со голот на Наби Кеита. А погодокот предизвика бурни реакции  на социјалните мрежи поради тоа што во почетокот на акцијата имало офсајд од Салах. Но судијата не виде и играта продолжи, а Ливерпул изедначи на 1:1.

Во второто полувреме „Црвените“ го скршија отпорот на домаќините во последните 10 минути. Во 80 минута Мохамед Салах како брз воз претрча половина терен, никој не му ја изби топката од нога, а тој шутна во голот на Ган (50-ти гол на Египќанецот за Ливерпул). Само шест минути подоцна Фирмино одлично го пронајде Хендерсон кој реализира за конечни 3:1.

Ливерпул е прв со 82 бода, два повеќе од вториот Манчестер Сити чиј меч од 33 коло е одложен затоа што „граѓаните“ утре играат полуфинале од ФА Купот со Брајтон.