Постарите фудбалски љубители сигурно се сеќаваат на Фернандо Редондо! Аргентинскиот играч беше хит во Шпанија, освои две европски титули со Реал Мадрид, а потоа и една со Милан. Тој беше дефанзивен играч за врска каков што секој тим би посакала. Редондо беше на врвот на кариерата во 30 година од животот, но потоа се се смени – на полошо. Се случи страшната повреда која значеше и крај на неговата кариера.

Редондо раскажува за неговиот престој во Реал, за изненадувачката продажба во Милан, страшната повреда и кошмарот што го преживувал во тој период и за конфликтот со селекторот на Аргентина Далиел Пасарела поради фризурата.

„Флорентино Перез во претседателската кампања вети дека, доколку победи, ќе го донесе Луис Фиго. Тој трансфер многу го чинеше клубот, а од друга страна, Милан за мене понуди 18 милиони евра што беа многу пари за играч од 31 година. Од клубот ми соопштија дека ќе ја прифатат понудата на Милан. Бев навреден што решија да ме продадат, а од друга страна бев горд што ме бара Милан и Силвио Берлускони. Во Мадрид освоив се, тренерите ме прогласија за фудбалер на годината во Лигата на шампионите. А преселбата во Милан беше и предизвик“, вели Редондо во интервју за „Ла насион“.

„Дојдов во Милан каде се беше поинаку: систем на тренинг, начин на работа, многу физички напор. Но работев иако мускулите ми „умираа“. Ми настрадаа вкрстените лигаменти на десното колено и не можев да играм две години. Значи дојдов во клубот, а првиот меч го одиграв дури после две години. Побарав од Галијани да не ме плаќаат додека не почнам да играм. Тие имаа некој доктор кој ги лекува играчите на Милан, но јас побарав да одам во Мадрид, кај мојот доктор Дел Корал. Сакав да отидам од Миланело, затоа што таму постојано ме прашуваа кога ќе се вратам на терен, а не знаев што да им кажам. По операцијата следуваше долг процес на рехабилитација. Ме пратија во Кноке во северна Белгија. Таму трчав, вежбав на плажа и се обидував комплетно да закрепнам и да се вратам во ритам“, вели Редондо.

За седум години Редондо одигра 29 натпревари за репрезентацијата на Аргентина. Не одигра повеќе поради караницата со тогашниот селектор Пасарела и тоа поради фризурата.

„Седевме со Пасарела во еден хотел во Мадрид. Ми рече да се потстрижам!? Му реков – нема шанси. Тогаш ми рече дека репрезентацијата е над сите нас и дека ќе размисли дали во иднина ќе ме повикува. Кога целата таа приказна дојде до новинарите, тој изјави дека не ме повикува затоа што сум одбил да играм на левата страна што е лага. Се уште сум скаран со него“, вели некогашниот аргентински фудбалер.