Викендов на патеката Матка крај Скопје ќе се одржи 51-от “Илинденски кајак слалом ИКАС 2019” и Европскиот куп во спуст на дива вода – Скопје 2019. 64 натпреварувачи од 10 земји во вкупно 6 категории ќе земат учество на кајак натпреварите, со најава за можност за остварување на добри резултати на македонските кајакари, потенцирајќи ги пред се Ангелче Петрушевски и Христијан Игнатов.

На прес конференцијата одржава во Агенцијата за млади и спорт, директорот на АМС Дарко Каевски, претседателот на КФМ Коста Ефтимов, како и Томислав Црнковиќ-претседател на светската спуст асоцијација, зборуваа за натпреварите кои следуваат.

„Овој викенд Матка и Скопје ќе го соберат врвот на европскиот и светски кајак спорт, кој ќе придонесе за промовирање на природните убавини на Скопје, но и ќе го подигне нивото на кајак спортот и спортот воопшто“, изјави Каевски.

Тој додаде дека традицијата на одржување на еден од најстарите спортски манифестации во државата секогаш ќе бидат поддржувани од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Во натпреварите на Европскиот куп во спуст ќе настапат 44 натпреварувачи од 7 земји, меѓу кои и голем број од водечките имиња во кајак спортот. Во сабота ќе се одржат квалификациските трки од 10 часот, а во 13 часот ќе се стартува европскиот куп во спуст. Неделата е резервирана за полуфинални и финални трки во слалом од 10.30 часот.