Тирана ќе го даде името на шампионот во БИБЛ-лига, овој град е домаќин на фајнл-фор завршницата на која Блокотехна е единствениот наш претставник. Гевгелискиот тим ќе се обиде да постане вториот тим по Фени Индустри кој успеал да го подигне пехарот во балканското натпреварување по пауза од осум години.

Марјан Илиевски и неговите избраници за противник во полуфиналето кое е закажано со почеток во 17 часот ќе го имаат тимот на  бугарскиот претставник Академик Бултекс. Блокотехна на оваа средба влегува со играчи проблеми, на листата на повредени се Главчев и на Мијатовиќ. Сепак ова нема да ги спречи гевгеличани да се изборат за финале и секако до титулата.

„За сите во клубот голема е честа да се биде дел од оваа фајнл-фор завршница. Голем проблем за нас се повредите на Главчев и Мијатовиќ, двајца играчи кои имаат голем удел во тимската игра и хемија на теренот. Ако се додаде отсуството на Лефковски и неможноста да го смениме составот, во Тирана доаѓаме со помалку играчи во ротација.

Сепак ова нема да не спречи да го дадеме максимумот, верувам дека ќе биде дополнителен мотив за нас“, изјави Илиевски.

Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат домаќинот Теута и Берое.