Руската информативна агенција Риа Новости го искористи освојувањето на петтата СЕХА титула на Вардар и обврските со националниот тим за да направи интервју со вардаровото крило Тимур Дибиров.

Русинот, кој исто така поседува и македонски пасош понуди интересен одговор на прашањето како Македонците реагираат на големиот број руски ракометари во Вардар (Дибиров, Шишкарев, Горбок, Кисељев и Калараш), како и фактот дека сопственикот на клубот е Русин – Сергеј Самсоненко.

„Вардар е клуб во кој не се гледа пасошот, туку квалитетот на ракометарот. Професионалниот играч нема националност. Успесите се она што се гледа на крајот на сезоната. Не е важно дали тоа го сториле Македонци, Руси, Германци, Шпанци… Во Вардар едноставно така се случи да има многу Руси во тимот, но тоа не значи дека, можеби следната сезона ќе останат само двајца. На такви работи не се дава значење“, заклучи Дибиров и додаде: „Можеби Македонците се малку љубоморни, имате петмина Руси, а само двајца Македонци во тимот.“