Блокотехна е новиот шампион во БИБЛ, откако во финалето со 82:68 го совлада домаќинот на Ф4 турнирот Теута. Ова е прв трофеј на клубот од Гевгелија во нивната скромна двегодишна историја.

Тимот од Гевгелија уште во првата четвртина најави дека ќе го крене пехарот со одлична игра и со високата предност од 25:9, која што и овозможи до самиот крај мечот да биде само рутина. Држеа темпо играчите на Марјан Илиевски, не дозволувајќи си во ниту еден момент Теута да ја загрози нивната предност.

Брендон Пен со 31 поен беше лидерот на Блокотехна, додека Ѓумиќ имаше 17, Николиќ 15, а Младеновиќ 14 поени.

Српскиот интернационалец во редовите на Блокотехна, Данило Мијатовиќ, кој поради повреда не настапи на Ф4 турнирот, е прогласен за МВП на сезоната во БИБЛ-лигата. Тој сезонава настапил на 12 натпревари во БИБЛ и има просек од 25.8 поени, 6.1 скок и скоро две асистенции по натпревар.