Сараево немаше проблеми во дуелот со Слога (Горно Црњелово) во другиот полуфинален меч од Купот на Босна и Херцеговина. Вечерва славеше со 5:0, а со вкупни 9:1 се пласира во финалето на националниот куп.

За Сараево денеска не играше нашиот интернационалец Крсте Велкоски, одмараше, но тој ќе биде спремен за финалето во кое ќе игра против Широки Брег и сонародникот на клупата на таа екипа Гоце Седлоски.

Тоа ќе бидат „македонски“ финалиња во Купот на БиХ затоа што ќе се играат два меча – дома и гости.  Ждрепката за тоа кој ќе биде домаќин на првиот меч ќе се одржи во петок, а познато е дека мечевите ќе се играат на 8 и 15. мај оваа година. Додека Седлоски ќе го брка првиот трофеј како тренер, Велкоски ќе атакува на вториот куп пехар со Сараево со оглед на тоа дека го освои трофејот во сезоната 2013/14.

Вкупно македонскиот напаѓач ќе го брка петтиот трофеј во фудбалската кариера бидејќи има шампионска титула и Куп на Македонија со Работнички, а со Сараево освен трофејот од Купот се закити и со шампионската титула во 2015 година.