Кој тим ќе се најде на втората позиција во Западната Конференција во пресрет на плеј-офот во НБА лигата, ќе се знае вечерва, со оглед на тоа дека Денвер и Хјустон се во „мртва трка“. Двата тима претрпеа порази, Денвер на гостувањето кај Јута, 118:108, додека Хјустон испушти да ја завери втората позиција кај Оклахома, 112:111.

Хјустон предводен од Харден со 39 поени беше на чекор до победа. Имаа десет поени предност гостите, а „Брадата“ постигна две слободни фрлања за 111:109 на неколку секунди до крајот. Но, Пол Џорџ по асистенцијата на Вестбрук погоди тројка на 1.8 секунди до крајот на натпреварот за конечни 112:111.

Расел Вестбрук беше најдобар во Оклахома, со својот 33 трипл-дабл сезонава (29 поени, 12 скока, 10 асистенции), додека Пол Џорџ имаше 27 поени. Во редовите на Хјустон покрај Харден, Крис Пол постигна 24 поени.

Денвер веќе со години нема победа на гостувањето во Јута, а таквата традиција ја продолжи и сезонава. Главен проблем беше Донован Мичел, кој делуваше незапирливо со 46 поени. Руди Гобер имаше 20 поени и 10 скока, додека Џо Инглс со 10 поени и 13 асистенции го заврши натпреварот.

Во редовите на Денвер, Малик Бизли постигна 25 поени, додека Монте Морис 22 поени. Србинот Никола Јокиќ одигра скромни 16 минути во кои заработи шест фаули и само 2 поени и пет скока.

РЕЗУЛТАТИ:

Кливленд – Шарлот  97:124

Детроит – Мемфис    100:93

Вашингтон – Бостон 110:116

Мајами – Филаделфија        122:99

Чикаго – Њујорк        86:96

Минесота – Торонто 100:120

Њу Орлеанс – Голден Стејт  103:112

Далас – Феникс         120:109

Јута – Денвер 118:108

Оклахома – Хјустон   112:111

Л.А. Лејкерс – Портланд       101:104