Машката сениорска репрезентација на Македонија со 33:34 (17:17) се враќа од гостувањето кај Исланд во првиот меѓусебен меч во второто коло од квалификацискиот циклус за ЕП 2020 година. Македонија за првпат се радува на едно гостување на островот, со оглед на тоа дека никогаш во досегашните меѓусебни дуели не и се случило да се радува на овој терен.

Дејан Манасков е херојот на натпреварот, кој откако не успеја да го реализира ударот од седум метри, ја собра одбиената топка и ја смести во голот на Исланд, за победа на Македонија. Седмерецот во последните секунди беше резултат на неспортскиот потег на Магнусон, кој не го издржа притисокот и по техничката грешка – чекори, ја исфрли топката со што заработи црвен картон.

Не влезе во мечот Македонија според посакуваното. Цели пет ипол минути бевме без погодок за малерот да го скрши Манасков од седмерец и за момент да ја запре серијата на Палмарсон (3:1). Дефанзивната линија делуваше како да и е потребно повеќе време да почне да функционира, а додека да се случи тоа Магнусон и Арнарсон му ја донесоа на Исланд највисоката предност од четири гола, 7:3, 8:4, односно 9:5.

Нашите момци ја корегираа одбраната, Кукоски и Н. Маркоски внесоа дополнителна цврстина и Македонија предводена од Гоце Георгиевски (два гола и една украдена топка) и со серија од 0-4 од негатива од 12:9, дојде до водство од 12:13. Македонија имаше водство и на 13:14, а со погодокот на капитенот Кирил Лазаров од контра имавме егал, 17:17, по првите 30 минути во Рејкјавик.

Во продолжението Стоилов со два гола во низа не држеше изедначено, 19:19, односно 20:20 по погодокот на Манасков од пенал, но исклучувањето на пикерот остави простор Гунарсон да донесе ново водство од два гола, 22:20.

Но останавме мирни, Ристовски одбрани, Манасков ја продолжи серијата од линијата седум метри, се надоврза и Лазаров за ново изедначување, 22:22. Крилото ни донесе прво водство од 24:26 во средината на вториот дел, но Палмарсон и Гудмундсон се вратија на 26:26 за вистинска драма до крајот.

Во играта на нерви Филип Талески ја превзема одговорноста и имаше четири гола во последните десет минути заедно со Стоилов и тоа заедно со одличната колективна игра и Манасков како херој во финишот ни донесе голема победа.

Вториот натпревар меѓу Македонија и Исланд се игра в недела, 20 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.