Противник кој се чини дека не можеме да го избегнеме без разлика дали станува збор за пласман на едно големо натпреварување или пак настап на такво е Исланд.

Тоа е ривалот против кој сме одиграле најмногу меѓусебни натпревари и со кој имаме богата историја – 16 соочувања досега.

И еве не одново заедно, овојпат во квалификацискиот циклус за ЕП 2020, каде во рамките од групата три неделава ќе одлучуваме, кој тим од лидерската позиција ќе патува на следниот континентален собир.

Исланд е репрезентација со која можеме да се носиме, сме го потврдиле тоа многупати, а во овој случај се чини и дека мораме. Не дека од тоа ни зависи настапот на следното големо натпреварување, туку пред се за самодоверба, за наплаќање на долгот од СП – кога останавме без пласман во главната фаза, за победничко селекторско деби на Данило Брестовац и на крај најмногу за потврда дека овој турбулентен период во националниот тим кога новата генерација треба да ја замени старата може да го пребродиме без голем пад.

Македонија има неколку промени од последниот дуел со Исланд на СП во Минхен во јануари, Брестовац на клупата, Кукоски и Маркоски во тимот, додека Исланѓаните сега го имаат искусниот Валур Сигурдсон, кој поради повреда го пропушти Мундијалот, но сега се враќа за да биде главна поддршка на Палмарсон на патот кон ЕП.

Во првиот меч Исланд не пречекува вечерва (21:45 часот по македонско време) во Рејкјавик, додека реваншот се игра за четири дена во Скопје.