Јасно е дека Исланд и Македонија предобро се познаваат и дека вечерашната средба во квалификациите за ЕП 2020 ќе биде уште една во низата интересни меѓусебни дуели, која истовремено има значење за позицијата во групата три.

Нема тајни, нема изненадувања, но токму фактот дека се се знае за противникот е она што треба да се искористи најдобро што е можно.

„Стари познаници ни се Исланѓаните, веќе е традиција да играме со нив. Ги познаваме одлично, имаат малку повеќе искуство од нас, имаат и повеќе репрезентативци што играат во силни лиги, како на пример во германската. Видовме на последното СП дека можеме да играме со Исланд, но тогаш не одигравме како што треба во некои клучни моменти. Мора сериозно и мотивирано да влеземе во мечот и да бидеме подготвени на се, затоа што Исланд игра до крај. Не смееме во ниеден случај да ги потцениме, како што некогаш сме правеле со некои противници. Треба да го дадеме максимумот и зошто да не се обидеме и на гостински терен да го изненадиме Исланд“, вели бекот Филип Талески.