Фудбалерите на Арсенал со предност од 2:0 ќе патуваат на реваншот во Неапол во рамките на четврфинбалето од Лигата на Европа. Вечерва пред своја публика, лондонскиот тим обезбеди солидна победа од 2:0 со која направи голем чекор кон полуфиналето.

Двата гола за Арсенал беа постигнати во период од само 10 минути. Во 15. минута Арон Рамзи отвори за 1:0, за десет минути подоцна со автголот на Кулибали, „топчиите“ да се изборат за капитал кој може да им ги отвори портите кон финалето.

Челзи во една бледа фудбалска вечер во Прага успеа да слави благодарение на голот на Маркос Алонсо постигнат во 86. минута. Иако не играа во најдобриот состав, „сините“ на крајот славеа против главно дефанзивно ориентираната Славија, која не успеа да се избори за поволен резултат и практично останува без шанси за полуфиналето.

Во шпанската пресметка на „Естадио де ла Керамика“, Виљареал имаше 1:1 до 91. минута, но Валенсија со два гола во судиското продолжение се избори за голема победа од 3:1 и практично го трасираше своето место во полуфиналето. Реваншот на „Местаља“ за 7 дена може да биде само формалност.

Во најефиканскиот меч вечерва, Бенфика на „Да Луз“ славеше над Ајнтрахт (Ф) со 4:2 во меч во кој и двата тима влегоа со отворен гард и понудија вистинско гол шоу. Жоао Феликс беше херојот на домашните постигнувајќи дури 3 гола. 19-годишниот вундеркинд на Бенфика за кој летово ќе се кршат копја на трансфер пазарот покажа зошто го нарекуваат наследник на Кристијано Роналдо.

ЛИГА НА ЕВРОПА

ЧЕТВРФИНАЛЕ

Бенфика – Ајнтрахт (Ф) 4:2

Славија (П) – Челзи 0:1

Виљареал – Валенсија 1:3

Арсенал – Наполи 2:0