Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија Славиша Кокеза најави одземање на бодови на клубовите поради сомнителни резултати во тековната сезона. Во центарот на вниманието се два натпревари од Суперлигата на Србија Пролетер-Раднички (1:2) и Партизан-Динамо (6:0) и еден од Првата лига Златибор-Синѓелиќ(2:0). На мечот во Хумска се „истакна“ голманот на гостите Урош Ѓуриќ кој по мечот доби суспензија од клубот со образложение дека со своето бранење, односно небранење, ја довел целата фудбалска јавност во сомнеж поради постигнатиот резултат.

„Во наредните месец дена ќе биде променет правилникот на Дисциплинската комисија која во брза постапка ќе може да казнува клубови. Во моментов пред комисијата се три натпревари (гореспоменатите). Не сакам да се мешам во нивната работа, но постои можност за одземање на бодови: дали тоа би било веднаш, или за следната сезона клубот да стартува со „минус шест“ или „минус дванаесет“ како што се случува во Италија и други држави. Кога некој клуб ќе биде санкциониран со големи парични казни ќе се запраша дали ќе им падне памет да се занимава со нечесни игри“, рече Кокеза.

И ние сме засегнати со сличен проблем, а ова е уште една препорака до Фудбалската федерација на Македонија да не се колеба и жестоко да удира по клубовите-местачи без разлика од кој ранг се.

Во тој контекст, вчера Фудбалскиот сојуз на Кипар ја суспендира Втората лига на неопределено време поради местење на натпревари. Повеќе можете да прочитате ОВДЕ.