Полуфиналната пресметка на вечните ривали во Купот на Македонија понуди вистинска драма која беше решена дури по две продолженија. Работнички славеше на дуелот со МЗТ Скопје со 93-89 (22-12, 18-21, 20-18, 12-21, 21-17 ) и против Блокотехна ќе се обиде да дојде до десетата титула во ова натпреварување.

Костов имаше 18 поени и 8 скока, зад него беше Јанески со 17 поени, кој во последното продолжение постигна ваажни поени. На 17 коша застана и Стајиќ. На другата страна Бојиќ имаше 21 поен.

Почетокот најавуваше дека „црвено-белите“ лесно ќе дојдат до триумфот, поведоа со 9-2, по четири минути се искачија на двоцифрени 13-3. Проблемот со реализација на МЗТ максимално го искористи тимот од „Градски парк“, во 15 минута лесно дојде на 37-20. Токму по ова водство на противникот, избраниците на Ѓорѓи Кочов, предводени од Вудард (постигна осум поени) направија серија од 13-0 и се доближија на 37-33. На полувремето беше 40-33.

Работнички успеа да ја одржи двоцифрената предност и во третата четвртина 56-44, 58-46, иако поради четири лични грешко Докузовски мораше да го повлече Костов, него добро го замени Јанески.

Серија на промашувања на „црвено-белите“ добро ја искористи МЗТ Скопје. Магдевски и Вудард со тројки доближија на 62-59 на шест и пол минути до крајот. Магдевски продолжи, со новата тројка, а потоа украдена топка и две слободни фрлања го донесе првото водство на својот тим 65-66 по 35. минути игра.

По поените на Костов за 67-66, по што следеше вистинска бркотница на теренот. Бојиќ убаво се снајде по обрачот, реализираше и изнуди дополнително слободно фрлање за 67-69. Стајиќ ја превзема одговорноста, со тројка врати на 70-69, но одново Бојиќ, израмни на 70-70. Караџовски на пет секунди до крајот изнуди три слободни фрлања, но погоди само две за 72-70.

Останаа нецели пет секунди до крајот за тимот од Аеродром, Бојиќ реализираше за 72-72. Чековски не успеа да извлече лична грешка, па мечот замина во продолжение. Работнички отвори со пет поени, не искористи неколку ситуации, па Бојиќ израмни на 79-79. Најава за продолжение број два. Нови драматични пет минути понудија двата тима, при 92-89, Симоновски промаши тројка, а Младеновиќ стави печат на мечот.

Финалето се игра утре со почеток во 17:30 часот.