Фудбалерите на Лил му покажаа на ПСЖ дека се уште не е шампиот на Франција и тоа на најбрутален начин. Ѕвездениот тим од Париз доживеа невидена бламажа на гостувањето кај Лил и загуби со 5:1 на мечот кој требаше да биде почеток на прославата на титулата.

Автоголот на Муние во 7. минута го најави можниот пораз на лидерот, но само 4 минути подоцна, Мбапе погоди и успеа да го израмни резултатот на 1:1. Откако двата тима заминаа во соблекувалните, во вториот дел работите тргнаа вртоглаво лошо за гостите.

Лил до 71. минута на средбата веќе направи предност од 4:1 и најави дека парижани ги очекува вистинска катастрофа. Да биде бламажата поголема, се погрижи Фонте кој погоди во 84. минута за конечни 5:1. ПСЖ и натаму е лидер со голема предност пред Лил, но се уште теоретски не може да ја обезбеди шампионската титула, па со тоа прославата е одложена до следниот меч.