Кошаркарска Македонија денеска ќе добие новиот соопственик на Куп-пехарот. По две исцрпувачки полуфинални пресметки, Блокотехна и Работнички се пласираа во финалето, кое сигурно ќе донесе нови моменти за кои ќе се зборува во следните 12 месеци, до стартот на новото натпреварување.

Гевгеличани ќе влезат поодморени од противникот. Имаа доволно време да ги наполнат батериите, историјата која ја пишаа вчера не е доволна, избраниците на Марјан Илиевски, го сакаат целиот плен, сакаат пред домашната публика да го подигнат пехарот и да бидат 16-та екипа која го освоила Купот на Македонија. Со ова сценариот Блокотехна ќе дојде до втората титулата сезонава по освојувањето на БИБЛ-лигата, резултат кој ќе биде и тоа како доволен мотив во продолжението до Супер-лигата.

Но, нема да биде лесно…

На другата страна на теренот стои искусниот Работнички, предводен од „стариот лисец“ Марин Докузовски. Иако неговите кошаркари се исцрпени, тој знае како да ги мотивира и заедно со нив да ги пребродат тешките моменти. Веруваме дека Докузовски има уште џокери во ракавот, ова на дело го видовме против МЗТ Скопје, во вистински момент го уфрли Марјан Јанески, кој пак се покажа како меч-винер.

Тимот од „Градски парк“ во своите витрини има девет пехари во ова натпреварување, со новиот ќе стане единствен, нешто во што ужива долги години кога станува збор за титулите во првенството.

За крај ќе посакаме фер битка, еднаква правда за сите, победникот целосно да ужива во славата, а поразениот причините да ги бара во сопствените грешки, а не во некој друг…

Дуелот меѓу Блокотехна и Работнички е закажан со почеток во 17:30 часот, претходно во 14:30 часот во женското финале ќе се сретнат Бадел и Вардар.