Имаше се, освен она најважното – головите. Возбудувања, акции, дриблинзи, многу борба, остри стартови, жолти картони, на моменти и тензии, меѓутоа Вардар и Шкендија одиграа натпревар кој заврши без победник. Имаше и двеминутен прекин поради националистички скандирања, имаше на крај и еден мал инцидент во кој Мурати беше погоден со шише, меѓутоа тоа е вообичаено за ваков меч.

Можеби Вардар во вториот дел беше некако поконкретен со шансите, и можеше да реализира, меѓутоа Шкендија во секој миг беше опасна. Имаа и тетовци свои прилики, особено во првиот дел.

Сега нема повеќе дербија до крајот на сезоната, а Шкендија сигурно ќе биде позадоволна од овој исход, затоа што ја задржа разликата. Кај Вардар нема причини за задоволство со оглед дека веќе некое време за нив титулата е невозможна мисија.