Екипата на Џенова повторно не успеа да го скрши малерот во дуелите со градскиот ривал Сампдорија. Денеска џеновјаните иако осоколени по она реми со Наполи минатата недела, не успеаја да ја преточат добрата атмосфера во уште еден добар резултат.

Џенова веќе шести меч по ред не знае за победа над лутиот градски ривал. Во 72. Дерби дела Лантерна Сампдорија победи со 2:0. За Џенова од првата минута играше Горан Пандев но тој беше добро чуван од противничките дефанзивци.

Резултатот го отвори Дефрел уште во 3. минута, а во 51. минута Бирсаки го избра најлошото – со рака спречи погодок за ривалот и доби црвен картон. Пенал за Сампдорија кој во гол го претвори искусниот Фабио Кваљарела за 2:0. Тоа е негов 22 гол во првенството во една сезона изедначувајќи го клупскиот рекорд на Винченцо Монтела во 1996/97.

Исто така Кваљарела го реализира петтиот гол против Џенова во првенството.

Нашиот капитен го одигра цел натпревар и доби жолт картон поради коментар кон судијата. Џенова е на 15. место на табелата, додека Сампдорија е на деветтото место.

Во другите натпревари Торино и Каљари одиграа 1:1 во меч кој го одбележаа три црвени картони. Фиорентина – Болоња како и Сасуоло – Парма завршија идентично 0:0.