Вардаровите ракометари нема да имаат време ни да се соземат од обврските со националните тимови во ЕХФ неделата, со оглед на тоа дека попладнево (18:30 часот) треба да мислат на клупските ангажмани, односно првиот меч од домашниот плеј-оф со Пролет.

Во рок од 24 часа „црвено-црните“ играат со Пролет во СЦ „Јане Сандански“, односно гостуваат во Битола, кај Еурофарм Работник, утре (18:30 часот) во „Боро Чурлевски“.

Среќа што стратегот Роберто Парондо ќе успее да ги собере сите на време, според најавите сите играчи денеска до 15 часот ќе бидат во Скопје, па ќе може да комбинира со составот.

„Би сакал да се фокусирам на двомечот со Пик Сегед во Лигата на шампионите, но тоа е невозможно. Не чекаат четири натпревари неделава, мора да се одработат и домашните обврски. Попладнево играме со Пролет, утре гостуваме на Еурофарм Работник… Ќе се обидам да ги искомбинирам играчите за двата натпревари и притоа се да мине во најдобар ред“ – изјави за СПОРТМЕДИА, вардаровиот стартег Роберто Парондо.

Покрај двата првенствени натпревари денеска и утре, Вардар викендов игра и дуели од осминафиналето од Купот на Македонија, каде првиот меч го игра в сабота на домашен терен со Прилеп, а в недела ќе го чека победникот од натпреварот Струга – Металург 2 за пласман на завршиот турнир.