Пишува: Зоран Ѓоршоски

Наредното соочување Вардар и Шкендија ќе го имаат на есен, а тоа значи дека до тоа 57. мега – дерби, ќе минат точно две години од последниот триумф на скопските „црвено – црни“ над својот лут ривал.

Вчера на „Борис Трајковски“ беше интересно на теренот, не којзнае каков квалитет на оној лош терен, но сепак не беа ни така лоши тие 90. минути. Имаше шанси, „праќање по семки“,  одбрани на Гачевски и Реџепи, но сето тоа падна во вода поради „перфомансот“ на домашните фанови. Речиси во текот на целиот меч имаше националистички изливи, имаше и прекин од пет минути, имаше и фрлање со шише кон гостите а притоа беше удрен Мурати. По сето ова може да се каже дека на наредниот меч во Тетово, тетовските фанови ќе вратат и се така до следната прилика. Штета…

Шкендија ја задржа предноста од 12 бодови и тоа осум кола до крајот. На Шкендија може уште сега да и се честита новата титула, ни катаклизма, ни земјотрес нема да им помогне на ривалите да ја стигнат.

„ЕВРОПСКАТА“ БИТКА ЗА РАБОТНИЧКИ!?

Во втората скопско – тетовска пресметка, Работнички под Шара со 2:1 ја доби Ренова и сега е најблиску до тоа четврто место кое можеби ќе води во Европа. Работнички со Баже Лазаревски на клупата е нешто друго. Иако драстично ослабен и на овој меч, овој тим покажува дека знае што сака, и дека знае како да дојде до тоа што го сака. Четири меча, две победи и две ремија е билансот на Лазаревски. Шкупи по серија од пет порази конечно успеа да победи, да го добие Силекс со 2:1 и да се врати меѓу оние екипи кои уште гаат евро амбиции. Македонија ЃП самата си ги упропастува шансите преку првенството да стори нешто повеќе, веројатно „лавовите“ ќе мораат преку Купот да дојдат до посакуваното европско лето. И на крај, Беласица и Победа одиграа реми, одиграа против себе.