За првпат од постоењето на Ф4 Будимпешта во Лигата на шампионите, македонскиот првак ЖРК Вардар нема да се најде во завршницата на најдобрите во Европа.

Но, две поранешни вардарови ракометарки, голманката Амандин Лејно и крилото Полина Кузњецова, одново се враќаат во „Ласло Пап“ и она што не им успеја со Вардар, ќе се обидат со своите нови клубови Ѓер, односно Ростов Дон да дојдат до титулата во најсилното европско клупско натпреварување.

Лејно и Ѓер, кои ја бранат титулата го елиминираа Одензе во четвртфиналната пресметка, додека Ростов Дон беше поуспешен во двомечот со вториот унгарски претставник ФТЦ.

Француски Мец е третиот учесник на Ф4 Будимпешта откако го елиминираше дрим-тимот на ЧСМ Букурешт. Интересно е што по пет години во Будимпешта нема да се вратат Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ, Барбара Лазовиќ, како и Драгана Цвијиќ, за која сезоната заврши минатата недела по операцијата на коленото.

Но, не се само вардарки, кои ќе недостасуваат на Ф4. Црногорскиот првак Будуќност исто така не обезбеди место меѓу најдобрите четири екипи во Европа, откако во четвртфиналето беше поразен од Виперс Кристијансенд.

Ф4 Будимпешта во Лигата на шампионите во женска конкуренција ќе се одржи на 11 и 12 мај, а ждрепката за полуфиналните дуели е закажана за утре попладне.